Резиме
Автор: Ацо Станковски   Објавено на
share

 Би сакал да резимирам, што се однесува до целата оваа шарада што ја зафати Република Македонија, по повод експлодираната петарда на опозицискиот првенец и неговата камарила.

Значи, ама баш ништо не се случи од бомбастично најавуваниот спектакуларен пресврт што требаше да ја урне владејачката структура, напротив, и последните бастиони на т.н. „отпор“ се претворија во пепел. За овој ќорфишек, со кој требаше да се уплаши владетелот и да ги прифати условите за техничка влада и сопственото маргинализирање, и покрај блескавата победа со над 200.000 гласа на парламентарните избори во април 2014 година, се покажаа како еден инфантилен блеф, со кој претендентите за власт, исфрустрирани од девет изборни порази во низа се легитимираа како плитки аналитичари, неспособни стратези и тотални аналфабети што се однесува до вистинското поимање на политичката моќ и процесите на менаџирање на дадените состојби во нашето општество. Дури и парите на моќните разузнавачки служби, кои непријателски настапуваат кон македонската држава и народ со децении наназад и сите оние наводни хуманисти – милијардери, кои не се ништо друго, освен симулативни „one-man show“ солисти во меѓународните односи, а се, всушност, само паравани на одредени тајни служби со специјални агенди за остварување на интересите на последната суперсила во заоѓање и сите нивни силни милиони долари, не можеа да им помогнат на овие домашни фолиранти без визија и без кормило да се докопаат до скоро патолошки посакуваната позиција на власт. Навистина патетична и гротескна слика.

 

И оваа пародична ситуација станува уште поекстремна во својата црно-хуморна претстава ако се земе предвид, како сите овие револуционери на привидот и грозомората стануваат финансиски сè помоќни, а нивните политички позиции се дојдени до најниските можни нивоа. Значи, од сето тоа може да извлечеме прилично силни конклузии дека овие конспиратори на превратот, не само што го заведувале и блефирале македонскиот народ и народностите на оваа општествена заедница, туку ги замајувале и создавале фатаморгани и фикции токму оние, кои штедро ги финансирале овие „крда рогати говеда“ (што би рекол Ниче) без каков било резултат и без каква било промена, што би била на нивен бенефит, а во правецот на деструкција на кохезијата на народот, обединет околу клучните национални прашања.

„Како долу, така горе“ – вели најумниот од луѓето, божествениот Хермес Трисмегист. И, навистина, ако имате понижувачки и утилитаристички однос кон сопствениот народ овој начин на дејствување ќе се преслика и во однос на сите оние, кои одвојуваат големи средства од даноците на своите граѓани, за да го финансираат овој недоличен циркус, кој сака да предизвикува револуции и да ја освојува власта, а не е способен ни за најобична работа, како што е расчистувањето на сопствениот двор или, барем, за едно рационално согледување на реалноста. За ризикот и да не говориме. Тие, едноставно, ги тренираат своите неинтелектуални младинци за улични нереди и малтретирање на граѓаните со бејзбол палки, а сакаат да извршат консеквентен државен удар. Но, за ваков стравотен потфат треба да се тренира со „калашникови“, а не со стапови. На овој начин дејствуваат како членови на некакви провинциски училишта за борачки вештини, чијашто основна цел е спортувањето и рекреацијата.

Можеби во сето тоа фолирантство и празни фалби ќе настрада и по некој правдољубив граѓанин, кој во името на вистината и патриотизмот ќе им застане на патот, предизвикан од нивната провокативност и дрскост, но на крајот, нивната одговорност пред законот може да им донесе многу непроспиени ноќи, во кои ќе се прашуваат по стотина пати – како тоа, и покрај нивната интелигенција, успеале да заглават толку длабоко во бесперспективноста и ништожноста.

Тогаш самите инспиратори за насилството и сета таа нечовечка омраза ќе станат цел на нивната лична одмазда, која во меѓувреме ќе еволуира во својата сегашна спротивност. А за да не губат време, ќе ги информирам дека каузата, за која се спремаат да малтретираат граѓани, а подоцна и самите да завршат срамно и жално, одамна е мртва, историски прегазена и пропадната во депониите на ирелевантноста. Уште да им порачаме дека нема никаков елитизам во насилството и во насилното преземање на власта, напротив.

Всушност, останува таа зачуденост во однос на некои, навистина, празни глави во нивното опозициско трло, кои успеале вака да го дефинираат концептот на „елитистичко“ преземање на власта, како да се наоѓаат во цезаристичкиот Рим и сега членовите на Сенатот со ножеви ќе го избодат Гај Јулиј и ќе ја преземат власта. Ова навистина сведочи за неинформираност и наивност, а пред сè за најпроизволно толкување на одредени историски ситуации и, секако, тотална загубеност во современите општествено-политички процеси.

Како да си имаме работа со експоненти на една силна дегенерација, жртва на предолгото владеење (60 години) на пропаднатата идеологија – комунизмот, на автократијата и непотизмот и на евтините научнофантастични филмови, кои им го поматиле умот и ги претвориле во политички зомби.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани