ПОСМРТНИТЕ ДЕНОВИ НА ГОЛЕМИОТ ЕВРОПСКИ ЕКСПЕРИМЕНТ
  Објавено на
share

Европската Унија беше изградена врз руините на многу лоша историја, а со цел да изгради демократија и да го одржи мирот меѓу соседите. Меѓутоа нешто се изгуби и самата Унија сега е во смртна опасност.

 

Грција vs. Германија: Каква драма! Секој холивудски сценарист би бил воодушевен од бруталноста на овој конкретен брак. Едниот започнува со обвинувања за измама и кражба, другиот одговара со барање за исплата на долговите од Втората Светска војна и репарации. Знамиња и слики од германската канцеларка беа запалени. Вртат сурови шеги за задолжениот југ, додека за посетите на политичарите од северот се бара дополнително полициско обезбедување.

Како сето ова ќе заврши?

За жал, ова не е основа за измислено сценарио туку политичка реалност во Европа од 2008-ма. Изгледа дека додека се одигрува оваа агресивна брачна драма, нејзините учесници не се свесни за тоа колку штета им имаат направено на темелите на Европската Унија. Дали се' што остана од Европа се руините од минатото?

Кога европската идеја почна да ја добива својата убава и потенцијално исцелителна форма по 1945-та, таа навистина беше изградена на руини. Никаде на друго место во светот немаше повеќе од тука. Никаде немаше повеќе заедничко европско тло од Аушвиц, каде беа убивани луѓе од сите европски националности.

Меѓу руините од Кан до Нимберг, од Ротердам до Миланo, националната борба на секого против секого, која беснееше во Европа уште од падот на Римската Империја, беше отфрлена на големиот куп измет на историјата. Ова требаше да биде заштитен бедем против анти-демократскиот Советски Сојуз, а економскиот прагматизам требаше да биде лек за сите.

Наместо Наполеон, Бизмарк или Хитлер, имаше умерени, мудри и претежно католички политички ветерани како Конрад Аденауер, Шарл де Гол и Алчиде де Гаспери, кои успеаа да ги разбијат меѓународните проблеми формирајќи нови комисии.

Полека но сигурно дури и најтешките рани од најблиското минато се затворија и станаа рани чија болка беше издржлива без воопшто да се дискутира националниот суверенитет. Европа не беше одлучена на отворено туку беше тајно спогодена со дебати за основните принципи.

Меѓутоа некако нешто тргна наопаку во фабриката од компромиси формирана во Брисел, Луксембург и Стразбур. Подоцна, историчарите може да ја идентификуваат точката на топење некаде меѓу воведувањето на еврото (1998-2001) и неуспешниот обид за воведување на европски устав во 2005-та. Со заедничка валута и Устав, проектот на милениумот требаше да биде спакуван и крунисан со слава. Иако еврото не успеа само со грчката криза, европскиот Устав пропадна уште пред да ги рашири своите крила кога беше одбиен од дел од основачите на Унијата, Франција и Холандија.

Ако ЕУ се смета за заеднички пазар, собирајќи на едно место нешто што не може да биде обединето, еврото придонесе кон оваа катастрофа со создавање на социјална центрифуга.

Меѓутоа станува полошо: демократските недостатоци кои беа толерирани заради предностите на заедничкиот пазар и порозните граници станаа неиздржливи за граѓаните на ЕУ. Црната дупка на местото на кое некогаш беше европската одговорност, послушно ги проголта задолжителните правни договори за спогодбите за националните долгови, и слободата за патување и третирање на бегалци, кои сега вредеа помалку од ништо од Британија до Грција.

Она што некогаш се нарекуваше Европски дух беше разорено во процесот.

Атина почнува да се однесува како Путин

Меѓутоа, ако ова не е доволно страшно, сега последните бастиони на меѓународната куртоазија се распаѓаат по децении на заеднички пазар и закони. Грчките функционери, предводени од премиерот Алексис Ципрас, бараат репарации од Втората светска војна и се закануваат дека ќе дозволат исламските терористи да патуваат до Берлин дозволувајќи нелегалните имигранти од Грција да патуваат кон северот, доколку Еврозоната не се откаже од барањата за штедење. Дури ни рускиот претседател Владимир Путин не отишол толку далеку. И никогаш досега заедничките социјални проблеми не биле третирани со повеќе цинизам и клеветење.

Сега е моментот кога добро совладаните методи на демократијата треба да и донесат плодови на Германија: повикување на грчкиот амбасадор, соопштение од парламентот и дискусија во Берлин, преземени контрамерки, јавно објавени пресметки и баланс, соопштение за германските позиции. Меѓутоа иако секој граѓанин има право на соодветно преставување, оваа конкретна гранка на национални политики е непостоечка во машинеријата на ЕУ тактики. Без дебати, без меѓународни тужби, без објаснување. Европското обединување пропаѓа кога две држави се заплеткани во омраза и молчење. Има ли некое заедничко европско тло кое може да биде најдено?

Диктаторски политики

Истото резонирање натера многу Грци да прашаат дали европските институции спиеја кога беше воведено еврото. Дали немаше оддел на Централната банка кој можеше да прогледа низ завесата на грчките извештаи за балансот? Што правеа германските дипломати во Атина, бидејќи, очигледно, нема ниту еден извештај испратен во Берлин за комплетно несигурниот финансиски партнер каква што беше Грција во тоа време. Можеби сето ова требаше да исчезне благодарејќи на скриениот дел од натегањата и преговарања во рамките на Унијата?

Хелмут Кол - германскиот канцелар од 1982-ра до 1998-ма - во 2002-ра рече дека морал да го воведе еврото "како диктатор." И изгледа стварно е така. Во диктатура на граѓаните не им е дозволено да бараат нивната влада да ги оправда своите постапки, посебно кога се бараат 369 милијарди евра за репарации, кога нивната сопственост е во опасност да биде запленета, и кога закани за тероризам се користат како закана против нив. Пост-воениот европски експеримент навистина потона подолу од кога и да е. Каков вид на обединување е ова кога никој повеќе не се согласува?

Дали работите станаа толку збркани што повеќе не е возможен ниту искрен развод и поделба на имотот?

Последните избори за Европскиот парламент резултираа со рекорден број на седишта за партиите на екстремната десници и левица. Меѓутоа ова не е изненадувачко. Граѓаните на ЕУ едноставно повеќе се загрижени за безбедноста на сопствената нација отколку на конфедерацијата од држави. Онаму каде што сегашноста и иднината изгледаат мрачно, природно цвета носталгијата. Токму ова е нео-патриотизмот кој требаше да биде избегнат со европското обединување. Меѓутоа ништо не беше сторено за соочување со ова.

Разградувањето на Украина и уништените простори на поранешна Југославија демонстрираа што може да им стори наталожена омраза на слабите конфедерации. Дури ни 70 години откако договорот од Рим го започна она што ќе стане ЕУ, генерација на луѓе го поврзува големиот европски проект со фарса и манипулација, долгови и штедење. Меѓутоа додека луѓето сфатат какви катастрофи ги чекаат доколку ЕУ се распадне, ќе биде премногу доцна.

Die Welt

преземено од off.net




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани