ГРЦИЈА: Бунтот на паразитите!
Автор: Виктор Трифуновски   Објавено на
share
  • Референдум кој одлучува за туѓи пари не е никаква демократија, туку диктатура на пролетеријатот.

    Кога ќе се презадолжите, кога и последниот кредитор ќе крене раце од вас поради немање доверба во вашата кредитоспособност, тогаш влегувате во период кога морате да ги вратите кредитите, а со тоа и да ја вратите вашата кредитоспособност. Во тој период, додека кредитите се враќаат, нормално е да ви останат помалку пари за вашите потреби. Поуката што би ја извлекол секој разумен човек, би била дека не треба да се живее од кредити, туку од сопствената продуктивност. Понатаму, за повисок животен стандард е потребна не само поголема продуктивност, туку и успех на пазарот, додека богатството се зголемува САМО доколку трошоците се помали од приходите. За Грција (или било која друга земја) да добие квалитативно зголемување на животниот стандард (а не само пораст на БДП) мора прво да ги врати сопствените долгови. Додека тоа се случува, ќе исчезнат сите виртуелни доходи кои биле создавани со позајмените пари, ќе исчезнат сите измислени работни места кои не создаваат доход, како и сите планерски шеми кои го намалуваат богатството наместо да го зголемат. Економската теорија тоа го нарекува РЕЦЕСИЈА. Таквата состојба не паѓа од небо, ниту е производ на „злобните кредитори“ кои чесно си ги бараат парите назад. Таквата состојба е производ на прекумерното трошење, на преголемото задолжување, кое однапред ги уништува идните доходи. Уништени се оние доходи, кои во иднина служат за отплата на незароботените пари и на незаслужениот стандард.

    Животниот стандард на цивилизираниот човек зависи од способноста за создавање профит, и тоа преку доброволна и мирољубива соработка со неговите клиенти на пазарот. Профитот е позитивен резултат од човековите напори при одржувањето на неговата егзистенција, и како таков е етички и морално оправдан. Негативниот резултат е ЗАГУБА. Со загубата неможе да се одржи човековата егзистенција, и како таква загубата е морално и етички неоправдана. Приватните фирми се најголемите генератори на профит. Доколку немате сопствена приватна фирма, доколку сте вработени во приватна фирма, тогаш добивате плата како награда за учеството во создавање на профитот. Понатаму доходот може да се дели согласно пазарните или државните регулативи, но без профит СИТЕ остануваат без егзистенција. Непродуктивните поединци може да егзистираат од заработката на продуктивните, но доколку овие вторите не создадат профит, СИТЕ остануваат без егзистенција. Организам кој живее на штета на друг организам, се вика ПАРАЗИТ. Истото се однесува и на возрасните, разумни и работоспособни луѓе кои по пат на закони или друг вид присила, живеат од туѓиот доход. Грчкиот животен стандард со децении бил зависен од доходот на богатите земји членки на ЕУ. Преку цела низа на редистрибутивни и кредитни мерки, модерните социјалистички планери од Брисел верувале дека од Грција ќе создадат развиена и конкурентна економија, која еден убав ден ќе осамне како земја која живее од сопствените сили, од сопствениот профит. Наместо тоа, утопистичките шеми на редистрибутерите од Брисел, свесно или не, создале цела група на држави кои паразитираат врз доходот на развиените. И уште повеќе, создадена е една цела лузерска култура, која освен што живее од туѓиот доход, веќе ги презира оние од чии доход зависи нивната егзистенција. Таквата лузерска култура е видлива не само по идеата за Грчкиот референдум, туку и по целокупното урлање против мерките за штедење во Европа.

    На сите страни на Стариот Континент, во тек е побуна на оние кои одземаат доход, против оние кои го создаваат. Се бунат оние кои трошат, против оние кои заработуваат. Штрајкуваат паразитите против оние врз кои паразитираат. Тоа не е никаков крик на хуманост и солидарност, тоа е глас кој јасно повикува на човечко жртвување. Жртвување на правдата во корист на милоста, жртвување на успешните во корист на лузерите, жртвување на оние кои создаваат во корист на оние кои трошат. Тоа е нецивилизирана племенска логика која низ историјата ги прогонувала разумните и креативни поединци, труејки ги со чаша отров, спалувајки ги на клада, убивајки ги во концентрациони логори или гулази. Тое е онаа иста дефектна логика на црвените варвари кои провалија во Зимскиот Дворец во Петроград, тоа е она исто зло кое ги водеше бандитите на СА во походот против еврејските продавници и домови. Тоа е менталитет кој носи зло, а не добро. Тоа е логика која носи сиромаштија, а не благосостојба. Емоциите се голема мотивација која го покренува човекот, но разумот е тој кој создава доход. Емоциите се по природа ирационални, човек од еммоции би направил нешто што во разумна состојба не би го ни помислил. Но кога станува збор за создавање на човековиот доход, разумот е тој кој секогаш победува. За жал, разумот е поразен и понижен во денешна Европа, додека морален победник е гневната емотивна гомила која повикува на трошење без граници, на атак врз продуктивното и успешно малцинство, и се почесто на линч на поединците кои не го делат нивното мислење. Голема вистина е дека живееме во време на изместени морални вредности. Кога е профитот е морално негативен, а загубата позитивна, кога насилието е морално супериорно над мирољубивата соработка на пазарот, тогаш навистина имаме проблем со моралниот вредносен систем. Тоа е вредносен систем кој ги прогонува успешните и креативните, а плаче врз судбината на паразитите и лешперите.

     

  • Референдум кој одлучува за туѓи пари не е никаква демократија, туку диктатура на пролетеријатот.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани