ДЕМИР ХИСАР - Груевски бил на одмор во Израел. И имал очила за сонце од 60.000 долари. Па некој тепал некој сопственик на портал. Всушност, тепачот не бил „некој“, туку лично власта.
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share

Груевски бил на одмор во Израел. И имал очила за сонце од 60.000 долари. Па некој тепал некој сопственик на портал. Всушност, тепачот не бил „некој“, туку лично власта. Немала истата таа власт друга работа, па при рејтинг двојно поголем од тој на опозицијата пратила тепачи на сопственик на интернет-портал за кој никој и не чул.

janevski30Па ВМРО-ДПМНЕ избегала од комисијата во Собранието зашто сакала да го напушти евро-атлантскиот пат на РМ преку реформирање на Државната изборна комисија. И за тоа Брисел итно ќе бил известен. „Драг Бриселу, ви пишувам писмо...“ Kој не верува нека ја праша потпретседателката на СДСМ, која ја немало на претходните пет состаноци и која добила замолница овој пат седницата да се одложи зашто Никола Поповски бил во Брисел. Службено. Kако министер на Република Македонија. Ах, да, претходно беше психоофанзивата со Јанко Бурек, новинарот на „Сител“ и демирхисарската местенка со Владимир Пешевски. И само наивните и плитките во ум луѓе мислат дека ова се обични инциденти во едно општество кое живее во диктатура. Не, не, ова е очигледно длабоко и долго обмислувана политичка и економска програма на СДСМ, која има една поента – леењето солзи дека СДСМ е репресиран. Приближно на ист начин како што Никола Груевски и Сашо Мијалков се прислушуваа самите себе. Партијата на која ~ се задоволува желбата на секои две години да има избори наместо на четири, живеела во режим. И сите треба да се поведеме по оваа нова идеологија на СДСМ, чија срж е дека сме и будали и глупави, и слепи и глуви.

Не го урнаа Груевски за три дена, не поднесоа докази дека лани им биле украдени 150.000 гласа, како што тврдеа Стево Пендаровски и Зоран Заев, ама сега сите треба да си ставиме затемнети очила и да гледаме како што ќе ни се каже. По диктат. И притоа да не добиеме тикови. Што и не е така лошо. Но, ќе мора да го научиме Благоја Чоревски од „Болва во уво“: „Јас сум луд, јас сум луд...!“ Ако тоа ви е премногу, ако немате смисла и талент за глума, тогаш доволно е под очилата за сонце да замижите и да почнете да ја применувате новата филозофија: Немој да гледаш, да слушаш, да мислиш. Стави ја главата во барабанот од машината, пушти ја центрифугата на 1.200 вртења и уживај! Kаков убав живот! Што би било ако барабанот се расипе? Е, тогаш би настанал проблем. Прво, за странците бидејќи ќе нема кого да финансираат овде под закрила на борбата за слобода на медиуми и развој на невладино општество. Замислете ги Американците да заиграат со антикомунисти и со луѓе што не биле во барабанот. Kаков пораз би бил тоа за западната демократија и нејзиното ширење на исток. Kатастрофа. Потоа некој би требало да седне во СДСМ и да напише програма. На пример, за тоа како ќе ја симне невработеноста на 20 отсто за пократок период од тој што го предвидува власта (која бара четири години за да дојде до стапка од 22 отсто). Би требало да видиме и како и за кое време ќе се дојде до некаков просек на нето- плата од 500 евра наспроти сегашните 340-350 евра и наспроти филозофијата на власта дека ќе мора да се чека инвестициите од надвор да создадат конкуренција на работната сила и со тоа да ги кренат примањата. Има некој некоја друга идеја?

Или како ќе се реформира образованието, освен пораката дека кога СДСМ ќе дојде на власт, ќе го укинел екстерното. Добро, веројатно никој нема да има ништо против, ама тоа повторно нема да го зголеми квалитетот на наставата. Kако до тоа? Патем, ќе има ли во програмата дека СДСМ веќе нема да ги злоупотребува учениците за демонстрации и штрајкови? Или тоа ќе остане. Ама сето ова очигледно е сложена работа. Затоа е најдобро ова со порталите и со Демир Хисар. Само некако после тоа бројките пак одат во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Дваесет и три наспроти 11.

ДАРКО ЈАНЕВСКИ ЗА ДНЕВНИК




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани