ХАОС ВО ТУРЦИЈА Армијата ја презема власта, Ердоган го повикува народот на улица
  Објавено на
share

ХАОС ВО ТУРЦИЈА

Армијата ја презема власта, Ердоган го повикува народот на улица

Турската армија соопшти дека ја презела власта, но претседателот Реџеп Таип Ердоган тврди дека пучот ќе биде задушен. Доколку успее, воениот удар против Ердоган ќе биде еден од најголемите пресврти во регионот.

„Ќе го надминеме ова“, порача Ердоган обраќајќи им се на граѓаните преку мобилен телефон на турскиот канал на СиЕнЕн. Тој ги повика своите приврзениците да излезат на улиците и да ја бранат владата.

Неговиот повик вроди со плод, бидејќи во неколку турски градови, според телевизиите кои имаат дописници на терен, голем број луѓе излегуваат на улиците, но нејасно е дали во поддршка на владата или на пучистите?

Аеродромите се затворени, пристапот до интернет страници и социјалните медиуми е ограничен, а војската ги затвори двата големи моста преку Босфор во Истанбул. Воени авиони хеликоптери го надлетуваат главниот град Анкара. Тенкови се распоредени околу зградата на парламентот.

Очевидци јавуваат дека во Анкара одекнуваат големи експлозии и дека воени хеликоптери стрелаат кон седиштето на телевизијата Турксат.

Началникот на генералштабот на турската армија Хулуси Акар е земен како заложник во зградата на генералштабот. Престрелки и експлозии одекнуваат и во Истанбул.

Војници претходно ја преземаа контролата врз државната телевизија ТРТ, од каде подоцна беше најавен полициски час и вонредна состојба во земјата. Армијата ја обвини владата за уривање на демократијата и секуларното владеење на правото.
Земјата ќе биде раководена од „мировен совет“ кој ќе ја обезбеди безбедноста на граѓаните, се наведува во изјавата. ТРТ подоцна беше исклучена од етерот.

Американскиот државен секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров од Москва порачаа дека се надеваат оти ќе биде избегнато крвопролевање во Турција.
Висок извор во ЕУ оцени дека делува оти се работи за „релативно добро оркестриран пуч од страна на поголемиот дел од армијата, не само неколку полковници“.

Во изјава испратен преку електронска пошта, армијата вели дека ја презела власта за да го заштити демократскиот поредок и да ги зачува човековите права. Ќе бидат задржани сите надворешни односи и обврски.

Ердоган и неговата АКП се на власт од 2003 година, а тој во 2014 година беше избран за претседател на државата




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани