В ЛИЦЕ ПРВАТА НУКЛЕАРНА БОМБА ОД МАКЕДОНИЈА СО ЧАДОР
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share

 

Барак Обама ја квалификува Хилари Kлинтон како најпогодна личност за претседател на САД. „Не јас, не Бил, туку Хилари е најквалификувана за претседател“, рече Обама. Што би значело - еден е изборот. Или Хилари или потоп. Се разбира, тоа е нивна работа. Нека избираат кого сакаат. Но, многу ме интересира каква е таа подвоеност на државата од партијата, нели овде и тоа беше спорно кога актуелниот претседател на сите Американци јавно застанува зад еден од двајцата кандидати, кој с` уште е далеку од тоа да биде на сите Американци, што би било еднакво на ситуацијата кога на наредните претседателски избори кај нас Ѓорге Иванов би застанал зад кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, не веројатно, туку сигурно, коси ќе се корнат од пиштење за тоа како претседателот на државата застанал зад партиски кандидат. А тој, сега гледаме, во таа ситуација не би направил ништо друго, освен што би го следел теркот на однесување на стратешкиот ни партнер. 

Истото ова го прави бесмислено и повлекувањето на Никола Груевски на сто дена пред изборите за да се раздвоела партијата од државата. Сега гледаме, за Обама тоа е обична глупост. И не само за него, туку за цела Америка. Неговото појавување на конвенцијата на ДП, неговото застанување зад кандидатурата на Хилари, никој не го проблематизира. Никој не прави драма од тоа. Вклучително и трамповци, што би значело дека ние сме ја утнале работата. Посебно што не пали ни финтата што токму странците ни ја продаваат, а која вели дека Груевски требало да се тргне оти се споменувал во снимките во контекст на некои афери. Па ако некој има афери зад себе, тоа е Хилари. Впрочем, за неа и нејзиниот сопруг неодамна беше публикуван и документарен филм. Насловот му е „Kешот на Kлинтонови“. 

Третата работа што ни ја соопшти Барак Обама е дека зад хакирањето на имејловите на Демократската партија стоеле Русите, односно лично Владимир Путин, па оттука, не требало да се занимаваат со содржината на тие имејлови преку кои, патем, се открива како бил местен поразот на Берни Сандерс. Преведено на наш терен, овој американски рецепт значи дека се бесмислени сите изјави од странците што ни доаѓаат, вклучувајќи ги и Викторија Нуланд и Хојт Ли во врска со СЈО бидејќи, според нивниот шеф, првичниот интерес е кој ги направил тие снимки, а не што има во нив. А ако сте забележале, ние постојано ја извртуваме работата, па сега се занимаваме главно со содржината на снимките. Нарачателот и изведувачот ги заборавиме. Што отприлика значи дека ако Хилари му се јави на Обама и го праша „шу праиш“, а тој и одговори „еве, барам некои плочки за кујната зашто овие што ги имаме не ~ се допаѓаат на Мишел“, ние не треба да формираме специјално обвинителство кое ќе се занимава со плочките, туку со тоа кој го снимил тој муабет. С` додека не постапуваме така, ние дебело скршнуваме од патот што ни го зацртал партнерот, а со тоа и од демократските стандарди на најразвиената земја во светот. Затоа, господо, да се вратиме на патеката трасирана од нашите пријатели. Немој да ми мрдате ни лево ни десно, па да фатите некој друг пат надвор од оној од кој немаме алтернатива.

Е, сега, кога сме кај алтернативата, имаме проблем кој никако да го решиме - со Лондон. Дали сме ги искарале Британците, дали сме упатиле некаква нота за нивниот неразумен потег со напуштањето на ЕУ? 

Талат Џафери од ДУИ вели дека законите што произлегоа од последното ни Пржино не се ни уставни ни законски, ама пратениците ќе ги гласале. Една работа е што човекот барем е искрен, па си кажува до кое дереџе сме дошле, ама друга е логиката на исказот: зар не е парламентот еден од оние органи што внимаваат што прават во оваа смисла? Се разбира, може и да погреши, затоа и постои Уставниот суд, ама свесно да се влегува во неуставност?

Некако на крајот испаѓа дека нашиве преговарачи и преговорите меѓу нив се дел од некаков експеримент на големите сили. Kако да создадете нуклеарна бомба која не предизвикува радијација? Одговорот е едноставен: ги седнуваш на иста маса ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА и добиваш нуклеарка. Еколошка. Да е жив Алберт Ајнштајн, веројатно би бил воодушевен. Оти ако ништо друго, барем е елиминирана една од разурнувачките последици на нуклеарното оружје. Тоа што не им успеало на сите светски умови во последните сто години, им успеа на неколку партии кои во светски рамки се минорни, што е само уште еден доказ дека не е с` во парите. Kога се има волја и желба, може да се успее и во земји што не се богати. Прашањето што сега само по себе ни се наметнува нам што живееме овде е како од ова да профитираме? Па да ја накривиме капата.

Инаку, податоците на Заводот за статистика покажуваат дека по многу месеци овој јуни забележува пад на индустриското производство од четири отсто во однос на истиот месец лани. Тоа би бил некаков данок на кризата што трае повеќе од една и пол година. Е, сега, ни треба посредник: фактурата за овие четири отсто кому да му ја испорачаме? На чадорот, на партиите, или и на едните и на другите?

Дарко ЈАНЕВСКИ




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани