СОБИР ВО СКОПЈЕ - ПОДДРЖУВАЧИТЕ НА ЕРДОГАН ЌЕ ГОНАТ „ПРЕДАВНИЦИ“ И ВО МАКЕДОНИЈА
  Објавено на
share

ПОДДРЖУВАЧИТЕ НА ЕРДОГАН ЌЕ ГОНАТ „ПРЕДАВНИЦИ“ И ВО МАКЕДОНИЈА



Со партиска иконографија и песни се славеше турскиот претседател на собирот во Скопје 

ФОТО: Киро Попов

Со песни посветени на турскиот претседател Ердоган и фотографии и транспаренти со неговиот лик, во четвртокот вечерта на плоштадот „Филип Втори“, кај Старата скопска чаршија, се одржа собир за поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (Матуситеб), на собирот беше остро осуден обидот за државен удар во Турција и му беше изразена силна поддршка на Ердоган и неговата партија.

Дел од граѓаните велеа дека дошле за да ја дадат својата поддршка на турскиот народ, демократски избраната власт во Турција и начинот на кој Ердоган се справил со обидот за пучот.

„Тука сум за да има демократија и мир во Турција, а не насилство. Да покажам поддршка за слободниот глас“, рече за Дојче веле еден од граѓаните кој беше на собирот.

Амед Хакан, студент од Истанбул кој вели дека со своите пријатели е на приватно патување, случајно го нашол собирот. „Пучот кој се случи, со кој се обидоа да ја заземат контролата врз земјата, нема поддршка од народот. Имаме демократски избран претседател и повеќе од половина од јавноста јавно го поддржува, а настрана од тоа, 99% од јавноста сака демократија. Секако дека има проблеми и ако го избирате Ердоган не значи дека го поддржувате стопроцентно, но сепак тој е избран претседател“, изјави Хакан.


 


На почетокот на настанот беа пуштени македонската и турската химна, додека присутните постојано извикуваа „Поддршка за Ердоган“ и „Господ е еден“.

Претседателот на Матуситеб, Таксин Ибрахим, во својот говор рече дека „предавниците“ кои го направиле пучот треба што побргу да бидат казнети. Вакви „предавници“, според него, имало и во Македонија.

„За ваша информација, такви предавници дојдени од Турција ги има и во Македонија и ние сите заедно треба да ги исчистиме од нашите живеалишта. Како синови на Фатих, за нас е грев да им бидеме домаќини на овие предавници. Наша должност е да ги протераме од Румелија, омиленото место на Османлиите“, рече претседателот на Матуситеб.

Говор одржа и амбасадорот на Турција во Македонија, Омрур Шолендил, кој рече дека и покрај обидот за државен удар, турската држава ќе продолжи со посветеност да работи на просперитетот, единството и мирот.

На собирот говори одржаа и двајца министри од владата на Македонија, Неждет Мустафа и Фуркан Чако, претседателот на Бошњачката заедница во Македонија, Џемил Бектовиќ и универзитетскиот професор, Метин Изети. Во публиката беше и Имер Селмани, поранешен вицепремиер и министер за здравство.

„Турскиот лидер Ердоган даде голема поддршка на Ромите за нивна интеграција. Ние како народ ја цениме целата поддршка што Турција ја дава за мојата партија и за ромскиот народ“, рече министерот Неждет Мустафа.

Митинзи за поддршка на Ердоган и Турција, освен во Скопје, се одржаа и во Гостивар и Кичево. (Дојче веле)

 

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани