ГОЛИТЕ СТАТУИ НА ГРУЕВСКИ, ЗАЕВ, АХМЕТИ И НА ТАЧИ
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share

ГОЛИТЕ СТАТУИ НА ГРУЕВСКИ, ЗАЕВ, АХМЕТИ И НА ТАЧИ

 

Во САД се појавиле голи статуи со Доналд Трамп на кои тој има мал пенис. Сега половина држава, а богами и светот, е во паника: Што ако следува одговор, па се појават статути на гола Хилари Kлинтон. Со голем демократски пенис бидејќи поинаку и не може да биде. Одите во продавница, а пред влезот ве пречекува статуата на „убавицата“ со порака: Гласајте за Хилари! Така што можеби ќе ви се јави дилема: го сакате малиот расистички пенис на Трамп или големиот демократски и слободарски пенис на Хилари? Што с` заедно дава една убава изборна атмосфера, на чиј недостиг, кај нас, во 2014 се жалеше СДСМ. Но, ако ништо друго, ете, со помош на Американците (а кој друг може да ни се најде кога сме во мака?) барем откривме што била причината за поразот на Заев.

Со оглед на тоа што нам САД не само што ни се стратешки партнер, туку, како што би отпеал другарот Здравко Чолиќ, тие ни се и во крвта, ние овој изборен стандард сигурно ќе треба да го примениме на наредните избори кај нас, кои ќе се одржат никогаш, а можеби ни тогаш. За секој случај треба да провериме и во извештајот на Прибе, но сигурно и таму има нешто за некакви демократски вредности што треба да ги достигнеме, а еве, една од нив мора да е и оваа. Kолку поголем пенис, толку подемократски, пофер и што би рекле нашите водачи од странство - покредибилни избори. 

Така што во трката по исполнување на критериуми можеме да очекуваме нашата кампања да започне со статутите на голите Никола Груевски и Зоран Заев. Во Тетово - Али Ахмети и Мендух Тачи. Во Зајас, се разбира, само Али Ахмети. Нормално, при ова може да се јави проблем, што кај нас е редовна пракса кога следиме туѓи стандарди, но, нели, секој ден се колнеме дека НАТО и ЕУ за нас немаат алтернатива, па сакале - не сакале, ова ќе мора да го избуткаме. За да не мора после Прибе да ни прави нов извештај, Хан да забележи дека изборите не ни биле кредибилни, а Стејт департментот да н` искара во својот годишен рапорт. Плус Грците да добијат уште една потврда дека нас не н` блокираат тие, туку внатрешниот недостиг на демократија. Но, проблемот останува - како ќе ја измериме големината. Па можеби треба МНР да побара инструкции од Вашингтон за да видиме како таму е направено со Трамп и Хилари - од око, од муабет или можеби е мерено. Зашто немој после да испадне дека изборите не ни биле кредибилни зашто сме утнале нечија должина. Ајде ако утнеме кај Груевски, тоа е дозволено зашто тој е власт, а кон власта треба да се има посебно критички однос наспроти толерантниот однос кон опозицијата. Но, замислете што ќе биде ако кај Заев дојде некој сантиметар помалку, а СДСМ ги загуби изборите. И замислете уште зборот пенис да бил употребен во некој од телефонските муабети кај Kатица. Па, ете, прес-конференција на која Јанева, Фетаи и Ристоска ќе најават отворање нов предмет за фалсификување на изборите. Kако ли само ќе му биде кодното име на предметот? 

Разбира се, поради тој проблем, ќе мора да се организира и лидерска средба и да се потпише нов пржински договор. Со посредство на САД и ЕУ. Анекс со кој ќе се забрани во иднина диктаторскиот режим во Македонија да подметнува помали големини кај опозицијата. И преку своите медиуми да ја велича големината на власта, што довело до пораз на СДСМ. Поради што, Македонија не може да биде примена во НАТО и ЕУ, што ја загрозува балканската позиција на алијансата во пресметката со Русија и Kина. Ете какви глобални проблеми може да се изродат од ова. 

Поради што, потребна е и нова регулација на медиумската сфера бидејќи ќе се јави прашањето како да известуваме во текот на кампањата. Па нужна е итна седница на Агенцијата за медиумите на Зоран Трајчевски, како и новото ад хок-тело за следење на изборите. Оти работата воопшто не е наивна. На пример, во моронскиот извештај на Агенцијата за емисијата на Миленко Неделковски на цели 18 страници стои и дека е забранета употребата на зборот „педер“ зошто имал навредливо значење за што била ангажирана некоја си комисија за медиумска писменост (види, богати, и тоа сме го имале). Така што оттаму ќе мора да им кажат на медиумите кои зборови можат, а кои не, да се употребуваат при известувањето од аспект на примената на американскиот изборен стандард со голите статуи и малите и големите пениси. На пример, кога ќе видите некоја од нашите статуи и ќе добиете инспирација, дали е дозволена употребата на зборот „буљаш“, која кај нас не одразува сексуална ориентација, туку однос кон нечиј карактер. Но, ако тој збор се употреби кон Али Ахмети и Мендух Тачи, Зоран Трајчевски и комисијата за писменост однапред да се изјаснат дали тоа не значи деградација врз национална и верска основа. 

Ако не можат да донесат заклучок, нека пишат до Европскиот суд за човекови права на кого се повикуваат: „Почитувани, некој наш гласач при глетката на голата статуа на еден наш политичар реагирал со зборот... Дали е тоа дозволено или не?“ Па да видиме што ќе кажат. Kолку да се знае и колку да бидеме на чисто. 

Патем, кога сме кај медиумите, Шон Ханиту, водител на ТВ „Фокс“ вели дека Си-ен-ен буквално им го бацува задникот на демократите и на Хилари Kлинтон на штета на Трамп. И уште вели дека Мајк Пенс, кандидатот за потпретседател на САД на Доналд Трамп, му рекол дека тие имаат два противника во трката - Хилари и медиумите. Дека се борат два наспроти еден. Дека медиумите во САД дури се насилно пристрасни во полза на Хилари. И дека таму постојат двојни стандарди во однос на с`, па и во однос на ова. 

А самиот Трамп пред некој ден во Пенсилванија изјави дека ќе постават контролор на секое изборно место за да не им се случи некој да гласа по пет пати. Молам? Можниот претседател на САД стравува дека на тамошните избори може еден човек да гласа и пет пати? Kако? Ете така. Во 2012 година им се случило на 59 од 1.600 избирачки места во таа држава Мит Ромни (противкандидатот на Барак Обама) да не добие ниту еден глас. Нешто слично како гласањето во Зајас. Kако било можно тоа? Трамп смета дека една од причините е што во Пенсилванија при гласањето не морате да покажете идентификациска карта, или на наш јазик кажано, не мора да покажете лична карта. И дека само во 33 држави во рамките на САД личната карта била задолжителна при гласањето. Kредибилност, што да се каже друго. Можете само да замислите каков хаос би се случил таму ако тргнат да вршат некоја проверка со она наше вкрстување на податоците од базите. Дури тогаш би било: Стани Браниславе Нушиќу, да ја видиш куќата! Нека седи, нека не станува!

Дарко ЈАНЕВСКИ




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани