ИЗЛОЖБА „ 1800 К “ ОМЕР КАЛЕШИ и ТАЊА БАЛАЌ
  Објавено на
share

ИНФОРМАЦИЈА ЗА МЕДИУМИТЕ

ИЗЛОЖБА

 

„ 1800 К “

ОМЕР КАЛЕШИ  и  ТАЊА БАЛАЌ

Салон на Амбасадата на Република Македонија во Франција

14 – 30 јуни 2017

Организација на изложбата Асоцијација за култура ИКОН

Изложбата е подржана од Министерството за култура на Република Македонија

 

Патувањето по патиштата на уметноста е секогаш возбудливо, на него можеш да сретнеш многу колеги и да се стекнеш со драги пријатели. На едно такво патување се сретнале Омер Калеши и Тања Балаќ и тоа токму во Париз, центарот на уметноста.

Двајцата опитни уметници, припадници на различни генерации, но сепак блиски. Денес еден од друг ги делат илјадници километри растојание, но нешто што ги поврзува родниот крај, каде што обајцата го поминале своето детство пред да тргнат по патиштата на уметноста.

Секако дека тие рани денови од нивната младост, сеќавањето на нив и особено поднебјето, оставиле длабоки траги во нивното сликарство.

Иако се различни во пристапот на темата која ја обработуваат, кај нив централна фигура е човекот и црвената боја. Црвената боја како извор на светлина по која трагаат сите уметници. Но тие како да ја симнале светлината на сонцето што ги греела во Македонија  и истата ја насочиле низ призмата на Исак Њутон, па по прекршувањето на таа светлина, поточно од спектарот на бои да ја изберат црвената боја која зрачи со топлина од 1800 Келвини за да ја пренесат во своите дела. Токму поради таа светлина оваа изложба во Амбасадата на Република Македонија во Париз ја именувавме со “1800 К“.

Омер Калеши во својот богат творечки опус останува доследен на своите корени, концентрирајќи се на обичниот човек, сликајќи ја неговата глава, која го симболизира духот на човекот. Тој со големо внимание ги истражува карактеристиките на балканскиот фолкор, т.е. на балканскиот човек, при што секој лик има свое значење. Главите на Омер Калеши се живи и тие живеат во просторот и времето на имагинарниот свет на сликата. Тие низ времето ја собрале мудроста и како да сакаат да ни го свртат вниманието кон бал-канската* историја во која се преплетуваат и медот  и крвта. Тие се неми сведоци кои опоменуваат оваа приказна да не се повтори.

И во делата на Тања Балаќ централно место зазема човекот. Тоа може да се види и од последната  инсталација „ Раѓање на нацијата “, како и во нејзиниот циклус на дела каде што во преден план е човекот. Ако внимателно се загледаме во нив ќе ја осознаеме нејзината порака дека денес отуѓениот современ човек, затекнат во едно транзициско време во кое е изгубен системот на вредности, тешко може да ја најде својата права мерка во животот. Нејзините човечки фигури поставени во преден план, зад кои е црвената боја, нè повикуваат кон чување на вистинските човекови вредности без кои животот станува бесмислен.

Утопијата искажана од големиот руски писател Достоевски дека убавината ќе го спаси светот , во овој момент на сите нас ни е неопходна, а можеби и не е утопија.

 

*бал на турски мед

кан на турски крв

Балкан – мед и крв

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани