Ситуацијата во која се наоѓа Макенија ме потсети на еден настан од моите војнички денови. Еден ден, заставникот му нареди на војничкиот бербер (инаку, обичен војник) да ги бричи само оние војници, кои самите себе не се бричат. Ако не постапи така, беше предупреден од заставникот, ќе биде казнет. Задачата изгледаше едноставна. Меѓутоа, за жал, работите никогаш не се такви какви што се чинат. Набргу, војникот-бербер се најде во безизлезна ситуација. Откако ги избричи сите војници, кои не се бричеа самите себе, остана само тој небричен. Се најде во дилема што да прави со себе – да се бричи или да не се бричи. Ако не се избричи, значи е војник кој не се бричи самиот себе и, според наредбата, мора да се избричи, инаку ќе следи казна. Но, ако се избричи, тогаш не е војник кој не се бричи самиот себе, а наредбата беше да ги бричи само оние војници, кои не се бричат самите себе. Значи, повторно, ќе следи казна. Но, од друга страна, ако не се избричи самиот себе, тогаш е војник кој не се бричи самиот себе, па, според наредбата од заставникот, ќе мора да се избричи самиот себе, бидејќи ако не постапи така, тогаш ќе следи казна. Но, ако се избричи самиот себе, тогаш веќе не е војник кој не се бричи самиот себе и, повторно, ќе следи казна, бидејќи наредбата беше да ги бричи само оние војници, кои не се бричат самите себе. Што и да направеше, казна не му гинеше. Го гледав како се поти и како се мачи да постапи според наредбата. Но, колку и да го посакуваше тоа, не можеше да ја оствари наредбата, бидејќи од него се бараше она што не можеше да се спои.
Деновиве, некои патници-намерници, доаѓајќи од Макенија, ми раскажуваа дека војникот-бербер уште е во напуштената касарна (заставникот, во меѓувреме, починал) незнаејќи што да прави, но знаејќи дека што и да направи, ќе биде казнет. Таков е животот во Макенија. Каков е неживотот, искрено не знам.
P.S. Знам дека претходното е комплицирано. Но, што да се прави кога е таква ситуацијата?