УСПЕШЕН КРАЈ НА ПОЛИТИЧКИОТ ИНЖЕНЕРИНГ
  Објавено на
share
Boban Nonkovik is feeling shattered.


 

УСПЕШЕН КРАЈ НА ПОЛИТИЧКИОТ ИНЖЕНЕРИНГ

Да, да, тоа синоќа што се случи не е ништо друго освен успешен крај на политичкиот инженеринг. За сценаристот, режисерот, шминкерот, светло и тон мајсторот... и што е најважно - за актерите што успешно ја одиграа својата улога во овој проект!
Единствени поразени и оставени со подзината уста се само македонскиот народ и Република Македонија!
И сега веднаш ќе речат: „Аааа, Бобан сака да го правда и вади ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски за големиот пораз и сега влегува во филм“!
Не!
А, знаете зошто?
Бидејќи главниот виновник за успешно спроведениот инженеринг е Никола Груевски! Свесно или несвесно, тој си знае, но се надевам иднината ќе ни го даде барем тој одговор.

Тој дозволи целата оваа психолошко-агентурна операција да се одвива изминатите три години, без ниту еднаш да се обиде да одигра нешто контра сценариото на оној што го напишал, ниту да одигра нешто свое, наспроти насоките од режисерот. Одбра сервилност, се разбира со цел да ја спаси својата слобода (вели и да ја спаси Македонија од сириско сценарио, но тоа нема никогаш да дознаеме дали навистина е така), а се му се врати најлошо, бидејќи го изгуби најсилниот адут - НАРОДОТ!
Сега веќе ќе ја нема мантрата; „Со нас е народот, мнозинството народ“!
Избиен е и тој адут на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и сега е се подготвено за негов недостоен политички погреб, како и на целото раководство, Извршен и Централен одбор на партијата и воопшто на сите структури во „Белата куќа“ во центарот на Скопје.

А, инженерингот... Па, тоа не е целата операција околу денот на изборите (гласањето), ниту потпишувањето на записниците од изборните комисии (клучниот дел за правење на разлика во гласови на последните девет изборни циклуси, што го потврдува и ново-вмровскиот бојовник Палевски).
Инженерингот е од мајските избори во 2014 година и се што следеше оттогаш:
- Закани и уцени во премиерски кабинет со нереагирање на тогашните власти;
- Објавување на т.н. „бомби“ од телефонски разговори со нереагирање на тогашните власти;
- Седнување на преговори и прифаќање на сите барања на сценаристот и режисерот со Пржино 1 и 2 (тогаш во Брисел ми кажуваа за Специјално обвинителство како нивен обид за притисок, а на крај ВМРО-ДПМНЕ го прифати истото без поговор и со тоа си стави крај на политичките амбиции, но и на надежите за лична слобода на поединци!);
- Откажување од премиерска фотелја и предавање на клучни министерства (широка Влада);
- Дозволување „шарени“ револуции со сквернавење на споменици и на државни објекти без никаква реакција на органите на редот;
- Откажување од национална (или националистичка, сеедно) реторика и делување;
- Согласност од национален лидер Груевски самиот да се сведе на политичар за поткусурување и дневно малтретирање;
- Опкружување со „да, шефе“ полтрони и гмизавци и со медиумски „аналитичари“ и политички „експерти“ кои се шљам во македонското општество и негативци кои (како што вели Трендо) дури и бумеранг да фрлат, истиот нема да им се врати;
- „Заборавање“ на македонскиот народ (Македонците) и обраќање кон „граѓаните“, иако отсекогаш само Македонци, а не „граѓани“ гласале за национална партија како ВМРО (Внатрешно македонска револуционерна организација) ДПМНЕ (Демократска партија за МАКЕДОНСКО национално единство);
- Согласност да се признае првиот изборен инженернг на самиот ден (11.12.2016), па сега веќе е доцна за жалопојки (кои звучат како „успаванка за Радмилу М.);
- „Збунетоста“ при собраниските настани од 27 април годинава, откога ВМРО и дефинитивно се прости со патриотизмот и со патриотите, но и дозвола пред очи да им се формираат квази-патриотски организации под контрола на Верушевски (кои со своите настапи и дејанија целосно ги збунија искрените и чесни Македонци-патриоти)...

И така натака и така натака... Многу се примерите.

Купувањето на гласовите на социјално-ранливите категории во македонското општество и на гласовите на помалите етнички заедници (пред се на Ромите), како и купувањето на изборните комисии и набљудувачи на самите изборни места е завршниот чин. Како на ланските парламентарни избори на 11-ти декември, така и на овие локални избори.
А, тој дел со купување, сценаристот и режисерот го научија токму од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ги научи сите овие гореспоменати „гласачи“ да не ни помислуваат да го остварат своето гласачко право без некој претходно финансиски да ги стимулира да го сторат тоа. Плафонот на ВМРО, а и реално и на СДС, се 305 илјади гласови (со толку ВМРО победи на изборите во 2006 година). Се друго се добива со пари!
Па, ако на пример гласовите на Ромите на битолскиот Баир до ланските парламентарни избори топ-тан чинеа 200 илјади евра, сега сценаристот и режисерот на инженерингот со многу странски пари (до 11-ти декември), а со парите од државниот буџет на Македонија (за локалните избори), ги купуваа десеткратно повеќе (два милиони евра!).
„Се што не може с’с пари, може с’с многу пари!“ - велат кај нашиот источен сосед.
Само што во контингентот, сценаристот и режисерот сега великодушно си купуваа и гласови на Албанци (и на 11-ти декември 2016 година и сега), со тоа што таму процесот на купопродажба се одвиваше преку џамиите (затоа и во врвот на СДС се инкорпорирани двајца оџи: Мухи и Рамадани).

Надежта (нечија) за новото, граѓанско ВМРО-ДПМНЕ со професорот Христијан Мицкоски како негов можен иден предводник, исто така заврши синоќа. Човекот кој навистина единствено се појави како нов лик и силно промовиран од Груевски во врвот на партијата, изненадувачки беше промовиран во генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ (иако планиран за иден лидер на граѓанското и за меѓународната прифатливо ВМРО) пред изборите и уште поизненадувачки - за предводник на листата за советници во Град Скопје.
И како заврши Христијан Мицкоски?
Листата на ВМРО-ДПМНЕ што тој ја предводеше освои 22 илјади гласа помалку од онаа на СДС (87 илјади наспроти 109 илјади). Што ќе рече, проф. Мицкоски имаше најкраткотрајна политичка кариера во македонската историја. Од синоќа од 19 часот, па до пребројувањето на гласовите (до кај 23 часот) траеше политичката кариера на Христијан Мицкоски, односно нецели четири часа издржа во политиката еден од ретките (ако не и единствен) нови ликови за „новото ВМРО“, пред да биде пуштен низ вода.
За најдобро да се разбере, проф. Христијан Мицкоски како политичар издржа помалку отколку џандарот Оливер Андонов како министер за внатрешни работи (меѓу Пржино 1 и 2, џандарот беше министер цели 13 часа!). Ова политичко капење и удавување во капка вода, професорот не го заслужи, односно не смееше да дозволи да му се случи!

Секој обид за негово перење и премолчен обид да се инсталира по секоја цена за претседател на (за меѓународната) послушната ВМРО-ДПМНЕ ќе биде обманување на членството, симпатизерите и воопшто на јавноста. Најголемиот пораз (во разлика во гласови), ВМРО на овие избори го доживеа во Град Скопје, а предводник на листата за советници беше Христијан Мицкоски. Тој е генерален секретар (втор човек) на партијата што е поразена со околу 80 илјади гласови разлика на овие окални избори (ВМРО-ДПМНЕ освои 370 илјади, а СДС - 450 илјади гласови).
Тоа ни Вардар, ни Дунав, ни Дњепар не ќе можат да го исперат!

Сега на ВМРО-ДПМНЕ не му преостанува ништо друго, освен со брзина да влезе во остар свиок назад (полукружно политичко-идеолошко вртење) и да се врати на национализмот, патриотизмот, стратешка неутралност на Македонија во однос на гео-политиката на просторот, тврдо бранење на Македонизмот (македонското име, историја, култура, традиција, јазик) итн.
Да, може така да го снајде судбината на Радикалната партија на Шешељ во Србија (да биде партија на маргините, но присутна и во парламентот и на локално ниво), но се друго, што значи продолжена снисходливост и сервилност кон меѓународната, ќе значи дотолчување на ВМРО-ДПМНЕ и судбината на ПАСОК во Грција (исчезнување од политичката сцена!).
За ова да се оствари и ВМРО-ДПМНЕ да може да преживее, партијата ќе мора да се рестартира и врати на основите, да се врати на базата, да се обнови околу основачите (исконските вмровци), а не околу актуелното раководство (и поединци од истото), Извршен и Централен одбор (и поединци од истите) со се сателитите околу себе, ниту со т.н. реформатори (под контрола и финансирани од меѓународната, т.е. од сценаристот и режисерот на македонскиот политички инженеринг).
Бидејќи, ако и овој про-македонски политички простор се остави празен, ќе го пополни некој друг, под контрола на сценаристот и режисерот или на Москва, тоа секако.

И, да, ќе ми речат: „Да бе, лесно ти е тебе сето ова да го коментираш, од страна. Дојди пробај ти така да одиграш!“.
Но, како новинар со 18-годишно искуство во оваа работа, дипломиран новинар и магистер по менаџирање на медиуми, јас и не знам поинаку (можеби сум немал можност или храброст да влезам директно во политика). Освен на овој начин, новинарски и од страна да ги коментирам случувањата, но и да укажувам на можни последици со антиципирање на идни настани (не заборавајте, ЈАС го „предвидов“ целиот инженеринг што се случува последниве години, со се она што им се случува на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски), јас не знам поинаку.

Ќе ми речат и: „Аха, сега сите сте генерали после војна“.
Но, пред избориве, сето ова погоре, со огромна доза на сериозност и увереност, го најавував и во разговори со пријатели (лично, но и во ФБ-пораки), но не сакав да го објавам/напишам јавно пред изборите со цел да не нанесам штета на ЕДИНСТВЕНАТА македонска опција што им се понуди на граѓаните. Многумина можат да потврдат дека им велев: „Абе со вмровска власт ги украдоа ланските парламентарни избори. Сега ќе ги згазат!“. Иако, морам да признаам дека уверувањата од некои вмровци од актуелното раководство на партијата за изборна победа на локалните, романтично ме зафати и мене последните денови, па очекував (се надевав) на барем неречен исход на локалните.

А, можев и сето ова да не го напишам и да си останам во добри односи со „некого“ и да не ми замерат „некои“ поради кои неретко ги бришев моите ФБ-статуси со реална и прецизна анализа и очекување за тоа што не очекува, нели?
Да, можев, ама ме боли. Многу ме боли!
Не за некоја политичка партија (никогаш не сум бил член на ниту една), ниту за некои политичари, лидери, аналитичари, експерти...
Ме боли за нашите предци, за нашата богата историја, традиција и култура, ме боли за моето дете и за македонската младина...
Ме боли, затоа што следува брзо гаснење на Македонизмот (топење и уривање на споменици, затворање на музеи за македонската историја, преименување на аеродроми и улици што носат имиња на ликови од богатото македонско минато, менување на име, откажување од македонски јазик...)!

Кој може ќе се спасува како знае, но Македонија и Македонците ги оставивме како детенце на педофили, како кротко јагне на месождери и сега ќе следува нивно парчосување!

И ќе слушаме како шумат шумите ... и плачат ...

Бог нека и е напомош на Македонија, иако сите ние му ја отежнавме работата и на него :(




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани