ЗА ГАДЕЊЕТО ОД МАСИТЕ (offnet)
  Објавено на
share

виа оффнет 

ЗА ГАДЕЊЕТО ОД МАСИТЕ

Не постои добра идеја зад која не може да се затскрие секаква фукара. Особено онаа која е надмена и напувана. Овојпат за корените на американската либерална елита и нејзината актуелна состојба на свест во која најрадо би си ставиле фереџе од срам што на власт дојдоа „небањатите“

 

Фред Зигел, професор по историја, политички советник на градоначалникот на Њујорк Џулијани и автор на неколку книги, во својата „Револтот против масите: како либерализмот ја поткопа средната класа“ од 2014 се обидува одново да ја напише историјата на американскиот либерализам. Долго сметан за резултат на пост-воената разочараност од американскиот мејнстрим, тој, според него, всушност уште од почетокот бил зачинет со силен елитистички сентимент, таков кој лесно се претворил во гадење кон „народните маси“, кон нивните економски и политички аспирации. Така, „Револтот“ ја опишува појавата и триумфот на нешто што изгледа како либерално свештенство - елита која раководи со американскиот политички живот, маргинализирајќи голем број Американци во процесот.

Но книгата е објавена во 2014, а од тогаш се имаат случено многу нешта. Во едно скорешно интервју, тој објаснува каква е сега ситуацијата со американскиот либерализам, и дали денес постои револт не против, туку на масите.

Обично се смета дека американскиот либерализам почнува со Њу Дил, или со владеењето на Вудро Вилсон за време на војната. Но ни едното ни другото не е точно, вели Зигел. Либерализмот почнува како реакција, односно како чувство помеѓу либералите дека биле предадени од Вилсон. Луѓе кои себеси се нарекувале прогресивци почнале да се нарекуваат либерали затоа што сметале дека однесувањето на претседателот за време на војната, кога тој дозволил антивоеното мислење да биде сурово потиснато, е спротивно на нивните убедувања. Оттаму, иницијалното создавање на либерализмот се совпаѓа со создавањето на Американската унија за граѓански слободи (ACLU) во 1920.

Но потоа се појавува и втор елемент, улогата на Х. Л. Менкен, еден од највлијателните американски писатели од првата половина на 20 век, обожавател на Ниче, кој верувал дека демократијата е систем во кој доминираат инфериорните, и кој бил противник на влегувањето на Америка во обете светски војни. Расист и антисемит, тој бил најзначајниот либерал од 1920-тите. Не затоа што самиот се дефинирал така, туку затоа што станал херој на студентите и останатите кои се нарекувале либерали. Тие го обожавале до моментот кога тој му се спротивставил на Рузвелт, односно до 1930-тите. Но она што прифатиле од неговите учења е инфериорноста на масите и непријателството кон средната класа, што ги вклучувало не само оние со мали бизниси, туку и работничката класа. Имало периоди кога ваквиот однос бил помек, но истиот сентимент покажува релативен континуитет до раните 1950-ти, за интелектуално да излета од шините во времето на Кенеди. Подоцна има моменти кога е политички успешен, или изгледа како таков (случајот на Обама), но реално никогаш не ја постигнува некогашната доминација.

Покрај Менкен, највлијателниот мислител од тоа време (кој не бил баш и некој мислител) е писателот Синклер Луис, првиот Американец кој добил Нобелова за книжевност. Тој го критикувал анти-интелектуализмот на „филистејците“, кои Гете ги опишал како луѓе кои „не само ги игнорираат условите во кои живеат другите, туку бараат остатокот од човештвото да живее според нивниот рецепт“. Она што според Менкен и Луис и било потребно на Америка е домашна елита која требало да ја извлече земјата од ваквата ситуација. Книгата на Синклер Луис, „Тоа не може да се случи тука“, за замисленото навлегување на фашизмот во САД, иако излезена пред еден век, постојано се препечатува, со воведи кои зборуваат за доаѓањето на фашизмот (во кој и да е облик) и потребата од силна одбрана од него.

Подоцнежниот развој на настаните, од шеесетите и седумдесетите, само придонело кон зголемување на веќе постоечкиот јаз помеѓу таа замислена или реална елита и останатите. На националната партиска конвенција од 1972 на Демократите делегатите биле поделени според идентитетот на црнци, латино, жени итн. Тоа е почеток на фрагментација на гласачкото тело на блокови, а приказната за тоа како идентитетската политика навлегува се’ повеќе во Демократската партија е приказна за модерната американска политика од тоа време наваму. Константна тема на либерализмот е идејата дека елитата подобро знае што е добро за „народот“ отколку самиот народ, па има тенденција да создава влади кои се засновани на технократија. Тоа според Зигел било случај и под Обама, чија владеачка структура ја нарекува „византиска“, а за нејзиниот архитект, Џонатан Грубер, вели дека често ја спомнувал „глупавоста на американскиот гласач“.

На едно важно прашање во долгото интервју, за тоа дали мисли дека либералната елита во САД денес се смета за владеачка класа на една нација, или за нешто поинакво и подобро од другите Американци, а поблиску до глобалната елита, Зигел одговора дека не само што се работи за второто, туку и дека таа се чувствува дури и засрамена од сопственото општество. Елитите на Вашингтон, Њујорк, Бостон, Чикаго, Сан Франциско и ЛА се втопуваат во едно. Холивуд, Силициумската долина, Вашингтон и Вол Стрит се втопуваат исто така, и прв пат постои нешто слично на британскиот естаблишмент. Но за Британците ваквиот вид организација била полесна затоа што центарот бил во Лондон. За разлика од тоа, американската елита со децении била поделена на различни крајбрежни градови, плус „третиот брег“ на Чикаго, па дури кога технологијата направила просторната локација да не е толку битна се случило нејзино унифицирање. Таа елита денес е доминантно либерална и незаинтересирана за она што се случува во внатрешноста на земјата.

Но либерализмот веќе и не е само политичка идеологија, туку има прераснато во нешто што личи на религија. Тоа е систем на верувања, а не систем кој претставува политички интереси. На него се гледа како на извор на благостојба и „милост“, во верски термини. Тешко е да разговараш со некој кој се смета за „благословен“, и да му кажеш дека греши. Трамп можеби не е во право за многу работи, ама со Трампизмот можеш да зборуваш и да се обидеш да му објасниш дека греши. Од друга страна, тоа е многу тешко со современиот либерализам, особено со неговата инкарнација од западниот брег.

Каде ќе оди американскиот либерализам во блиска иднина? Според Зигел тоа зависи од повеќе фактори. Прво треба да се види што ќе се случи со среднорочните избори, во 2018. Партијата на претседателите кои го тераат првиот мандат најчесто поминува многу лошо на првите среднорочни избори - во 2010 Обама загуби 62 места во Конгресот. Така и сега, не е невозможно Демократите да го преземат. Но ако економијата оди по сегашниот тек до 2020, на демократите ќе им биде многу тешко да го победат Трамп. Најсилниот против-кандидат на Трамп во моментов според Зигел на демократите е сепак Опра Винфри, а не исклучува и можност тој да се повлече во корист на Пенс.

Целото интервју тука




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани