Крстот Христов не прави деца Божји
  Објавено на
share

 Пишува: Митрополит Струмички Наум

Крстот Христов не прави деца Божји

Дека неволјите, т.е. страдањата, односно, крстот, секако доаѓаат во нашиот живот – сите од искуство знаеме. Само малоумен човек може да си мисли дека – баш него ќе го одминат. Но, зошто неволјите секако доаѓаат во нашиот живот – кој сака нека чита…

Просто, после отпаѓањето на Адам и Ева од Рајот, поправо од Бог, страдаме воглавно од една главна причина: смртта влезе во човековата природа. Стравот од смртта, потоа, ги предизвикува сите други страдања. Стравот од смртта не прави самољубиви и себични; тоа предизвикува две други неволји:

Првата е што, самољубието ги развива сите наши страсти, така што славољубието, среброљубието и сластољубието ни стануваат зависност и втора наша природа. Страстите ја разоруваат нашата душа – внатрешно. Страста спроведена во дело е грев.

Втората е што, самољубието не воведува во судир со другите, исто така, болни и исплашени, за својот опстанок, луѓе и така – повторно страдаме: „Од каде се војните и од каде се борбите меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите страсни желби, што се борат во вашето тело? Сакате и немате, убивате и завидувате, и не можете да постигнете; се борите и војувате. Немате, зашто не молите. Барате, но не добивате, зашто барате погрешно, за да го трошите во вашите страсни желби“ (Јаков 4,1-3). Страстите ги разоруваат и нашите меѓусебни односи.

И како што тешко болниот подложи на лекарски интервенции да се исцели, така и зависниот од своите страсти и гревови ќе биде подложен на волни и неволни страдања. Волните страдања, т.е подвизи (пост, молитва, дела на милосрдие), воглавно самите си ги регулираме, додека неволните (болести, неуспеси, смрт) ги регулира воглавно Бог. Колку поголема острастеност, толку поголема и поболна интервенција е потребна. И, колку се поголеми волните страдања, т.е. подвизи, а особено – молитвеното распнување на умот, толку ќе бидат помали неволните страдања.

Чинејќи грев – ние самите себеси се казнуваме, затоа што преку гревот, ние отпаѓаме од Бог, а се предаваме себеси во рацете на демоните – кои се човекоубијци од почеток. Бог секако не спасува од нивните канџи, а допушта да пострадаме само колку што е доволно за наше исцеление и спасение – не колку што демоните ни пожелуваат. Страдањата ги смируваат нашите страсти, па дури се и повод да се ставиме во процес на исцеление, откако ќе ја освестиме причинско-последичната врска помеѓу страста и страдањето. За паметниот е доволно тоа што и двата збора имаат ист корен.

Јасно е дека без страдање нема исцеление, како што и без Крст нема Воскресение. Но, за нашето страдање, т.е. крст, да се сметаат за Христов Крст, ние треба да сме Христови, односно, членови на Неговото Воскреснато Тело – Црквата, и да страдаме поради Христос, така што, како што Неговиот Крст – станува наш, така и Неговото Воскресение да биде и наше.

Христос го живее нашиот живот, а ние Неговиот; со тоа што, Он ги зема страдањата и болките на сите нас, а ние учествуваме само во нашите страдања, и тоа – според силите, и малку сочувствуваме во страдањата на другите – и само ова, Христос ни го прима како учество во Неговиот Крст. Се срамам и да пишувам за овој сотириолошки минимализам. И зошто е уште важно да сме Христови?

Затоа што, едно е, со неволјите кои што секако ќе дојдат, да се соочиме вооружени со благодатта Божја, а сосема друго е да се соочиме со нив – без неа. Без благодатта Божја, секоја неволја постепено ќе не растројува и физички и психички, додека на крај не не уништи потполно, а вооружени со благодатта, преку секоја неволја, само ќе растеме – во Христос, и ќе стануваме се посилни, така што и товарот на голем број други луѓе ќе можеме да го носиме; ќе можеме да ги заштитиме и да им го олесниме спасението. Напишано е: „Носете ги тежините еден на друг и така исполнувајте го законот Христов“. Помагањето на оние што страдаат ни го чува образот Божји и ни овозможува да стигнеме до подобие Божјо – ни овозможува да бидеме деца Божји.

 

Уште едно потсетување за крај: волното страдање не може да биде толку совршено за нашето спасение колку што Бог тоа може да го „намести“ – преку неволното; и нема ние на Бог да Му одредуваме преку кои неволни страдања ќе го гради својот однос со нас. Неволните страдања – и видливите и невидливите, често зависат од видот на гревот, но и од местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општеството. Ние треба само смирено да ги прифатиме и да продолжиме со исполнување на Божјите заповеди – во новодадените услови.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, амин




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани